Пон. - Пет.
08:00 - 18:00ч Адреса: бул. Мајка Тереза бр.28-1/1
Место: Скопје +389 (0)2 3130373
+389 (0)70 367284
 

Алкохол

Алкохол

За многумина алкохолот е пријатен придружник на социјалните настани. Умереното конзумирање на алкохол не е штетно за повеќето возрасни лица. Но, голем е бројот на лица кои имаат сериозен проблем поврзан со пиењето алкохол.

Последиците од злоупотреба на алкохол се сериозни, во повеќето случаи дури и животозагрозувачки. Прекумерното пиење го зголемува ризикот од некои заболувања, како што се ракот на црниот дроб, на хранопроводот, на грлото. Исто така, прекумерното пиење може да предизвика цироза на црниот дроб, проблеми со имунитетот, оштетување на мозокот и да му наштети на плодот во случај на бременост.
Дополнително, пиењето на алкохол го зголемува ризикот од сообраќајни незгоди, несреќи на работното место, го зголемува процентот на убиства и самоубиства.

Што е алкохолизам?
Тоа е болест која ја карактеризираат следните елементи:

Силна потреба, компулзија за пиење;
Губиток на контрола: Неспособност да се контролира количината на испиен алкохол;
Физичка зависност: Појава на симптоми на апстиненција како гадење, потење, треперење и анксиозност кога ќе се запре со употребата на алкохол после период на “тешко” пиење.
Толеранција: Потребата да се зголеми количината на испиен алкохол за да се постигне ефект кој претходно бил постигнуван со помали дози.
Алкохолизмот не е толку во врска со тоа кој алкохолен пијалок се конзумира, колку долго и во која количина. Повеќе е во врска со личната неконтролирана потреба за алкохол.
Описот на алкохолизмот помага и да се разбере зошто повеќето алкохоличари не можат само со сопствената волја да престанат со пиењето алкохол. За нив потребата за алкохол во суштина е толкава, колку и потребата за храна и вода.
Некои од овие лица успеваат да се опорават и без помош од други лица, но во повеќето случаи лицата алкохоличари имаат потреба од помош за да престанат со пиењето на алкохол и да го изградат својот живот повторно.
Често се поставува прашањето: Зошто некои лица можат да конзумираат алкохол без проблеми, а други се потполно неспособни да го контролираат пиењето на алкохол? Според најновите истражувања осетливоста кон алкохолот е наследна. Но, покрај наследниот фактор и факторите од околината може да бидат т.н. ризик фактор.
Сепак, не треба да се смета дека ризик факторот значи и сигурна судбина. Па така, само затоа што во едно семејство има родител/и алкохоличар/и, не значи дека и неговите/ нивните деца ќе бидат алкохоличари.

Што е злоупотреба на алкохол?
Злоупотребата на алкохолот се разликува од алкохолизмот по тоа што таа не вклучува елементи на силна несовладива потреба за алкохол, губиток на контрола над пиењето алкохол или физичка зависност, а исто така и поретко се јавува и толеранцијата.
Злоупотребата на алкохол се дефинира како модел на пиење кој е придружен со една од следните ситуации во период од 12 месеци:

Неуспех во исполнување на работните, училишните или домашните обврски;
Пиење во ситуации кога е тоа физички опасно, како при возење и сл.;
Повторувани проблеми со законот, поврзани со конзумирање алкохол. На пример: поради возење или учество во тепачка во алкохолизирана состојба;
Продолжување со конзумирање алкохол и покрај тоа што тој предизвикува или барем придонесува за лоши односи со околината.
Кои се знаците на проблем?
Одговорот на некои прашања би можел да помогне во насочување кон проблемот со алкохол:

-Дали некогаш сте почувствувале дека треба да ја намалите количината испиен алкохол или воопшто да престанете со пиење?
-Дали луѓето ве вознемируваат со критики околу Вашето пиење?
-Дали некогаш сте почувствувале вина поради Вашето пиење?
-Дали некогаш сте земале пијалок наутро “за да ги смирите нервите” или “да се ослободите од мамурлукот”?

Доколку одговорот на едно од овие прашања е “да”, тогаш можеби постои проблем со пиењето, а доколку повеќе од одговорите се “да” тогаш веројатноста дека постои проблемот е поголема. Препораката е да се посети стручно лице и со него да се поразговара и да се разгледаат опциите за третман.
Дури и доколку одговорот на прашањата е “не”, но постојат проблеми на работа, во врските со луѓето, со здравјето, а кои се врзани за употребата на алкохол, тогаш е препорачливо да се побара помош, бидејќи ефектите од злоупотреба на алкохол можат да бидат екстремно сериозни, па и фатални.

д-р Александар Марцикиќ
психијатар

– август 2006, “Дневник” –

 

Контакт

Адреса

бул. “Мајка Тереза” бр. 28-1/1 1000, Скопје

Email

evromedika@yahoo.com

Јавете се

+389 (0)2 3130373

Се вчитува
Дојде до грешка. Ве молиме обдете се повторно
Вашата порака е испратена. Ви благодариме!
Изработено од InOne