Како да му помогнете на лице со невротско нарушување

Опоравувањето од невротски пореметувања проследени со страв бара многу време. При тоа вистина е дека во многу е потребен сопствен напор, но сигурно е дека опоравувањето ќе биде многу побрзо доколку се има солиден систем на поддршка. Во тој систем на поддршка можат да се вклучат лица блиски на оној кој го има проблемот со анксиозното нарушување, како: родител, брат, сестра, сопруг/а, пријател.
Но, и лицата кои се вклучени во системот на поддршка наидуваат на проблеми, недоумици во однос на својата улога во целиот процес. Честопати кај нив се јавува чувство дека трошат премногу време обидувајќи се да помогнат, а резултатите изостануваат. Во меѓувреме може да страда дури и емоционалното здравје на оној кој само се обидува да му помогне на лицето со анксиозно нарушување.
Во овој случај неопходно е да се направат промени веднаш. Доколку тоа не се случи, тогаш опоравокот на лицето со анксиозно нарушување, но и врската помеѓу него и оној што се обидел да помогне ќе страда.
Мора да се има на ум дека без обѕир на тоа каква е врската со лицето на кое му е потребна помош, никој не може да го уништи сопствениот личен живот, за да ја пружи таа помош. Секогаш треба да се има на ум дека лице кое е добро за потпора е токму она лице кое ќе го помогне опоравувањето на констуктивен начин, грижејќи се истовремено и за сопственото добро. Постојат некоку компоненти како да бидете добро лице за потпора:
Изградете систем на потпора: Никој кој се опоравува од анксиозно нарушување не треба да има само едно лице за потпора, иако за жал често имаме тенденција да му веруваме и да се потпреме само на едно лице. Системот на потпора треба да се состои од пријатели, семејство, групи за самопомош, професионалци за ментално здравје и доколку е тоа можно дури и колеги од работното место.
Колку поголем систем на потпора толку подистрибуирани ќе бидат функциите за поддршка. При тоа поддршката не е процес на постојано слушање на личните проблеми и потешкотии.

Научете нешто повеќе за анксиозните нарушувања: Доколку не сте подготвени да научите нешто повеќе за овие нарушувања, тогаш и не сте подготвени да бидете лице за поддршка. Добро место за почеток е интернетот и информациите кои можете да ги најдете на веб страниците. Исто така има и бројни книги на оваа тема кои можете да ги прочитете. Но сепак, бидејќи постојат повеќе можни погледи на овие состојби, препорачливо е да побарате препорака токму од лицето на кое сакате да му помогнете. Доколку и двајцата читате иста литература, вашиот пристап ќе биде истовремено од ист агол.
Можете да земете учество и во некоја група за поддршка. Ова е потребно за да добиете подобар увид какво е чувството да се има анксиозно нарушување. Исто така ќе осознаете дека лицето на кое му помагате не е единственото со овие симптоми и мисли.

Разберете ги целите за опоравување на личноста: Лицето на кое му помагате треба да има дефинирано цели за опоравок. Доколку тоа не е случај, тогаш време е да ги дефинира. Идеално е доколку направи план за опоравување во соработка со професионално лице, психотерапевт. Целите треба да бидат флексибилни, но специфични. Тогаш разгледајте како вие можете да се вклучите во планот.

Направете специфични временски обврски: Еднаш кога планот е веќе направен и вие ќе ја разберете целта на опоравувањето на лицето, бидете прецизни каде вие можете да се вклучите и помогнете. Одвојте време за да седнете и поразговарате за процесот на опоравување. Повторно, бидете флексибилни, но правете измени само доколку тоа навистина делува. Разберете како вашето време, кое го посветувате на помагање, ќе помогне во специфичните цели на опоравок. На пример, доколку лицето страда од агорафобија и избегнува излегување од домот, вие одвојте термини три пати неделно во кои ќе одите заедно на пазарување.

Бидете искрени: Ако сте превземеле премногу обврски, бидете искрени. Понудете алтернативно решение. Доколку се почувствувате исцрпени кажете го тоа. Ако пак сметате дека вашиот однос страда, разговарајте и за тоа. Не чекајте да биде премногу доцна.

Водете сметка за себе: Сигурно е дека се грижите за лицето на кое му помагате, инаку не би го правеле тоа. Но, имајте на ум дека нема да му бидете од никаква корист, доколку се разболите емоционално или физички. Доколку почувствувате потреба, посетете и психотерапевт да ви помогне. Научете техники на релаксација, научете нешто за стрес менаџментот.
Процесот на поддршка е дел од вашиот живот, а не цел на вашиот живот.

д-р Александар Марцикиќ
психијатар

април  2006, “Дневник”

 

 

Публикации

Не се дозволени коментари.