ДАЛИ СТЕ ПОСТОЈАНО ЗАГРИЖЕНИ?

 

Во светот и времето во кои живееме воопшто не е чудно доколку потојано се чувствувате загрижени. Можеби се грижите за семејството, за работата, за здравјето или пак за други лични проблеми. Можеби се грижите за пријателите или пак за општеството во кое живеете?

Но, понекогаш загриженоста станува проблем. Таа може да ја наруши нашата секојдневна рутина, да повлијае на нашата способност да се концентрираме на работата или пак да ни го наруши сонот. Посериозно, некои од нас можат да се најдат и во ситуација кога загриженоста почнува да го контролира нивниот живот.

Дали загриженоста е психичко нарушување?

Секој е загрижен понекогаш. Загриженоста може да ве мотивира да превземете акција, да решите некои проблеми. Но, хроничната загриженост преминува во проблем кога таа станува фокус на вашиот живот и едноставно ви изгледа дека не можете да престанете да се грижите.

Вашиот проблем може да биде привремен и нешто што можете самите да го решите или пак да бара посериозно внимание и помош.

Предупредувачки знаци за сериозноста на проблемот се:

  • Се чувствувате постојано напнати;

  • Не можете точно да одредите зошто сте напнати и загрижени. Дури и кога ќе го решите проблемот кој ве загрижува постојано се појавува нешто ново.

  • Почнувате да избегнувате ситуации кои можат да бидат извор на напнатост за вас;

  • Не уживате повеќе во активности кои порано ви причинувале задоволство;

  • Понекогаш сте толку напнати и загрижени што тоа ве плаши;

  • Забележувате дека почесто се јавуваат физички симптоми како: главоболка, проблеми со сонот, треперење, мускулна напантост, потење, чувство на топли бранови, лесна вртоглавица. Имате потешкотии во концентрирањето. Се чувствувате иритабилни или депримирани.

Загриженоста е чест симптом на невротсаките нарушувања пропратени со страв, пред се анксиозното нарушување.

Што можете да направите?

Кога загриженоста станува проблем можете да превземете некои чекори за да си помогнете на самите себе си или пак да побарате професионална помош.

Кај невротски нарушувања, како што се неврозите пропратени со страв и анксиозните нарушувања, зголемената загрижност влијае врз влошување, особено доколку не се третира. Затоа превземете акција што е можно побрзо. Особено доколку имате впечаток дека загриженоста ја превзема контролата над вашиот живот и/или ги имате набројаните симптоми. Добра идеја е да побарате професионална помош.

Методите пак на самопомош се фокусираат на две полиња:

  • Промена на тоа како размислувате за проблемите кои ви ја

предизвикуваат загриженоста;

  • Промена на тоа што правите во врска со проблемите кои ве

загрижуваат.

Промена на начинот на размислување за проблемите

Промената на начинот на кој размислувате не е процес кој може да се случи преку ноќ, но со користење на одредени вежби можете да ги увидите шемите на размислување кои можеби придонесуваат кон вашата загриженост.

Некои од вообичаените шеми на размислување кај луѓе кои се хронично загрижени се:

    • Претерана негативизација на исходот од одреден проблем;

    • Размислување за настани кои веројатно и нема да се случат.

Во основа, ако сте хронично загрижени добри се шансите постојано да очекувате да се случи најлошото. И вие како и другите луѓе имате проблеми, но за вас малите проблеми стануваат големи, а големите достигаат димензии на незамисливост.

За да го проверите начинот на вашето размислување за проблемите, треба да почнете да запишувате што и како размислувате за вашите проблеми. Откога ќе водите евиденција една недела или подолго, ќе посакате да почнете да ја менувате шемата на размислување.

За секоја своја негативна мисла најдете една позитивна. На пр. ако постојано мислите дека мора да го завршите проектот кој го работите на време и без ниедна грешка или во спротивно ќе бидете отпуштени од работа, обидете се да помислите и на тоа дека долго и совесно работите во својата компанија, па грешки се можни, а вие и така вложувате доста труд па веројатно ќе го завршите проектот на време.

Кога ги запишувате своите негативни мисли една недела ќе забележите постоење на шеми кои се повторуваат. Но, вие за секоја негативвна мисла ќа запишете и една позитивна. По извесно време вежба ќе можете да размислувате позитивно.

Промена на тоа што го правите

Луѓето кои се хронично загрижени често реагираат на проблемите создавајќи нови проблеми. Тие секогаш се чувствуваат како да се на работ на катастрофа.

Ако сте постојано загрижени можеби не можете да се фокусирате на работата. Во тој случај добро е да побарате и професионална помош.

Обидете се да научите да превземата акција во врска со вашите проблеми, наместо само да чекате да се случат па вие потоа да реагирате на нив.

Значајно е да превземете контрола, но и да научите кои нешта во животот не можете да ги контролирате.

Запишете ги вашите грижи. Размислете дали можеби го чекате последниот момент за да започнете некој важен проект? Дали можеби сте загрижени за финансиите, а при тоа немате точен увид во вашата сметка? Сето тоа само го оптоварува вашиот мозок непотребно.

Кога ќе ги запишете вашите грижи може ќе дојдете до заклучок и дека премногу се грижите за нешта кои не можете да ги промените. Можеби и со самото нивно запишување, ќе почувствувате олеснување. Можете да научите повеќе и за можностите за организација на вашето време, да научите и да почнете да практицирате вежби за релаксација и сл.

д-р Александар Марцикиќ

          психијатар

 мај 2006, “Дневник” —

Публикации

Не се дозволени коментари.