СПЕЦИФИЧНИ ФОБИИ

Дали се плашите од летање? Дали поглед на иглата ве прави нервозни? Дали можеби од страв ја избегнувате посетата на стоматолог? Ако одговорот на некое од овие прашања е да, тогаш можеби страдате од специфична фобија.
Специфичните фобии се анксиозни нарушувања. Се работи за страв кој е мошне интензивен. Лицата со специфични фобии имаат прекумерен страв од некој објект или ситуација. Самиот објект или ситуација и не се реално опасни, но лицето кон нив реагира како да се опасни. Специфичната фобија обично почнува во детството и адолесценцијата, продолжувајќи и во возрасно доба. Специфичните фобии се два пати почести кај женскиот пол. Причините за нив не се доволно познати, но забележано е почесто семејно јавување.

Дијагностички критериуми за специфичните фобии:
Стравот е постојан и интензивен. Тој може да се јави дури само и при поглед на објектот кој е предмет на фобијата.
Кога лицето ќе го види објектот или ќе се најде во ситуација, анксиозноста веднаш започнува. Анксиозноста може да достигне дури и степен на паничен напад.
Возрасните лица со специфична фобија обично се свесни дека нивниот страв е прекумерен и ирационален.
Лицето со специфична фобија настојува да го избегнува објектот или ситуацијата која го прави анксиозен.
Симптомите кои се опишани не се резултат на друго психијатриско нарушување.

Секој од овие дијагностички критериуми е значаен во разбирањето и диференцијацијата меѓу нормален страв и специфична фобија. Лицето знае дека неговиот страв е нерационален, па дури можеби и се шегува на своја сметка. Лицето избегнува одредени ситуации или пак влегува во нив, но со големо ниво на стрес.
Мошне значаен е и последниот од критериумите. Лице кое има панични напади може да има и страв, на пример од возење, летање, лифтови и други ситуации што во многу наликува на специфична фобија. Но, лицето кое има панично нарушување и доживува паничен напад е како “заробено” во одредена ситуација. Од друга страна лице со специфична фобија од возење или летање е исплашено од самата ситуација: од можноста дека ќе доживее сообраќајна незгода, дека авионот ќе се урне и слично.
Лице со посттрауматско стресно нарушување (ПТСН) може да избегнува одредени ситуации, но тоа се ситуации кои се врзани за стресниот настан и ПТСН.
Лице кое се плаши од социјални ситуации може да има социјална фобија, а не специфична фобија. На пример, лицето со социјална фобија се плаши од состанок со доктор, но тоа е пред се поради страв од социјалната интеракција, а не е страв од самата медицинска процедура.
Едно исто лице може истовремено да страда од повеќе вакви нарушувања.

Специфичните фобии се поделени во четири категории:
Анимален тип;
Природна средина тип (фобија од грмотевица, од бура, од вода);
Фобија од крв, инекции, повреда;
Фобија од ситуации (авион, лифт).

Третман:
Лекувањето на специфичните фобии не е секогаш неопходно. Лицето со специфична фобија може никогаш нема да се најде во ситуација од која се плаши, па третман на ова лице и не е неопходен. Но, најчесто фобијата го ограничува социјалното функционирање на личноста, може да му претставува пречка во кариерата, па дури може да биде и ризик по здравјето на таа личност, на пример поради избегнување на лекарски преглед.
Специфичните фобии обично мошне добро реагираат на бихејвиорална терапија. При оваа терапија лицето постепено, етапно се изложува на одреден објект или ситуација од која се плаши. Тоа изложување може да биде во вид на слики или визуелизација. Во развиените земји постои можност дури и за примена на технологијата на виртуелна реалност, каде со примена на оваа технологија лицето се соочува со ситуацијата од која се плаши.
Изложувањето обично се одвива етапно. Лицето се соочува со секој чекор и не се преминува на следното ниво се додека не исчезне анксиозноста. Од помош можат да бидат и техниките на релаксација.

д-р Александар Марцикиќ
психијатар

– 2006, “Дневник” –

 

Публикации

Не се дозволени коментари.