СТРАВОТ КАЈ МАЖИТЕ

Мажите традиционално се воспитувани да не се плашат. Стравот е недозволено чувство за мажи. Од друга страна стравот е чувство кое нормално се јавува кај луѓето. Тој може да биде оправдан, во реално опасни ситуации, но и да се јави во ситуации во кои нормално го надминуваме стравот или во вид на фобичен страв за ситуации кои реално не се опасни.

Стравот кај мажите често зависи од возраста. Во детската возраст тој е присатен како страв од напуштање или казнување. Тоа е несвесен страв од моќта и влијанието на таткото, во вид на анксиозност, проследен со грижа на совест. Тој се доживува како голем, надмоќен, неприкосновен, идеален. Поради поврзаноста со мајката, која е присутна во 3 до 5 година од животот и фантазмите кон неа, се јавува страв од казнување. Исто така се јавува и страв од доминанта мајка или мајка која не е сигурна во својата родителска љубов кон детето или пак мајка која во моментот доживува лична криза како депресија, што кај детето предизвикува страв од напуштање. Стравот проследен со кошмари со присутни крупни животни обично го симболизира стравот од таткото, а кошмарите со присутни поситни животни го симболизираат стравот од мајката.

Подоцна во адолесценцијата и младоста стравот повеќе се јавува како страв од отфрлање или исмевање од околината, особено кај мажи кои се перфекционисти. Присутна е претерана идеализација на својот изглед, идеализација кон околината во која живеат, се плашат дека нема да бидат прифатени од своите врсници. Затоа во овој период од животот и најмала промена во надворешниот изглед може да предизвика страв од неприфаќање и исмевање од околината и врсниците. Во авторитетни средини, во овој период, се јавува и страв од авторитети. Во овој период се случуваат и првите сексуални искуства и кај повеќето мажи постои преголема чувствителност кон сопствената машкост, а понатаму може да се провлекува низ целата зрела возраст како страв од полова немоќ.

Во младоста се акуелизира и стравот од хомосексуалност и сексуалните мисли и потреби кај повеќето мажи се доживуваат како застрашувачки, што често ги доведува и до контакт со стручни лица.

Кај хиперсензибилни лица во третата деценија чести се и фобични стравови кои може да се проследени со страв од смрт и губиток на контролата над сопственото однесување, страв од разни болести до панични напади и развој на т.н. невротски страв.

Кај амбициозни мажи се јавува и страв од неуспех во кариерата кој може често да биде и продуктивен, да ги гони да работат повеќе и подобро да го организираат животот, но од друга страна може да доведе до т.н. анксиозност или слободнолебдечки страв дека нешто непријатно ќе им се случи.

Во зрелото доба кај мажите доминираат егзистенцијалните стравови кои се особено актуелни во последите 15-ина години. Тоа е страв и грижа за сопствениот социјален статус и економски опстанок. Имено во Р. Македонија мажите го имаат култот на внатрешна потреба за авторитет, глава и заштитник на семејството, и покрај се поактуелната и поприсутна еманципација на жените и нивниот удел во активностие надвор од домот. Од една страна се поставува потребата на мажите да ја превземат целата финанасиска и економска грижа за семејството, а од друга страна е реалната невозможност за повеќето од нив да го реализираат тоа.

Во старо доба кај мажите присутен е страв од смрт, од болести, од напуштање, поготово кај оние мажи кои по пензионирањето не успеале да се адаптираат и да го осмислат новиот начин на живеење.

д-р Александар Марцикиќ

          психијатар

   јуни 2006, Дневник

Публикации

Не се дозволени коментари.