НИЕ СМЕ ОНА ШТО МИСЛИМЕ ДЕКА СМЕ

Што е прво: депресијата или песимистичките мисли?

Одговорот може и да ве изненади.

Во многу случаи депресијата резултира од негативните мисли. Кога нешто лошо ќе ни се случи често се измачуваме себе си со мислите: “Не сум доволно добар/а. Јас сум тотален неуспех. Ништо не ми оди од рака.” Вакви мисли можат да ве вовлечат во депресија.

Значи, ние сме она што го мислиме за себе. Доколку мислиме на нешто доволно често почнуваме и да веруваме во тоа дека е вистина. Затоа, за да ја победиме депресијата мораме да престанеме со овие “лоши” мисли и да ги замениме со позитивни. Со негување на позитивното мислење можеме да ја запреме депресијата пред таа да започне.

Еве неколку сугестии како полесно да ги промените шемите на размислување кои може да придонесат за депресија. Тоа се:

  1. Размислување: Се или Ништо

Пример: Доколку неодамна сте конкурирале за повисоко место во работната организација, но местото го добил Ваш колега кој има поголемо искуство, дали Ви се јавува чувство дека никогаш нема да бидете унапредени? Дали почнувате да мислите дека сте неуспешни на професионален план?

Овој тип на размислување е карактеризиран со апсолутни термини како секогаш, никогаш или засекогаш.

Но, треба да прифатиме дека малку ситуации се засекогаш. Тоа се само црни точки. Затоа елиминирајте ги овие зборови од својот речник.

Па, на пример, во конкретната ситуација треба да го завземете следниот став: “Навистина го сакав тоа унапредување. Разочаран/а сум, но тоа не значи дека не ме бидува за она што го работам. Во иднина ќе има и други можности, а во меѓувреме јас можам да го унапредам своето знаење и да бидам подготвен/а за нив. Оваа случка не значи дека е готово со мојата кариера. Јас добро ја работам својата работа.”

  1. Воопштување

Пример: Осамени сте и најголем дел од своето време го минувате во домот. Блиските ви велат да излегувате и да сретнете нови луѓе, но вие чувствувате дека е тоа бескорисно. Мислите дека на никого и не би можеле вистински да му се допаднете. Но, сепак се “тешите” дека луѓето и онака се злобни и површни.

Кога некој врши воопштување, тој зема една или неколку случки и претпоставува дека сите други се исти. Но, дали навистина луѓето се злобни и површни? Што е со пријателите кои ве поттикнуваат да излезете? Следниот пат помислете дека без обѕир на тоа што луѓето можат да имаат сличности, сепак секој е единствена индивидуа. Не постојат двајца исти луѓе на светот. Точно е дека постојат и злобни и површни луѓе. Има и такви на кои вие не им се допаѓате. Но, не секој одговара на овој опис. Со претпоставка дека никому не му се допаѓате градите ѕид кој ве спречува да го добиете токму она што најмногу го посакувате – пријателство.

  1. Ментален филтер

Пример: Можеби сте имале лош ден. Додека учествувате во сообраќајот некој возач грубо ви го пресекува патот, но понатаму во текот на возењето друг возач љубезно ви дава предност. Дали можеби вие за цело време додека возите сте бесни и единствена тема ви е некултурата во сообраќајот во нашиот град.

Кога лицето го користи менталниот филтер тоа ги занемарува добрите, а ги забележува само лошите работи во животот. Научете да го препознаете доброто, бидејќи се е во тоа како вие им дозволувате на настаните да влијаат на вас.

  1. Дисквалификација на позитивното

Да претпоставиме дека некој сликар само што го насликал вашиот портрет и сите се одушевени од тоа колку добро вие изгледате. Дали веднаш се оградувате од нивните коментари со забелешката дека сликарот си дозволил уметничка слобода да ја разубави сликата?

Дали можеби исто така и во животот никогаш не ја гледате убавата слика?

Некои луѓе се “мајстори” во тоа да во секоја ситуација доброто го претворат во негативно. Дел од ова се должи на ниското ниво на самопочит која ја имаат кон себе. Чувствуваат дека не заслужуваат добро.

Во суштина многу е едноставно да се смени насоката. Следниот пат кога ќе добиете комплимент само заблагодарете се. Колку почесто го правите тоа толку полесно станува.

  1. Избрзувате со заклучоци

Пример: Имате договорена средба со за Вас значајна личност, но таа доцни 20 минути. Дали можеби веднаш помислувате дека нема да дојде бидејќи вие сте направиле некоја грешка. Од друга страна реалноста можеби е дека едноставно личноста која ја чекате е “заглавена” во сообраќаен метеж.

Повторно сте жртви на сопствената несигурност. Повторно го очекувате најлошото и подготвени сте на разочарување. Додека да дознаеме дека нашите стравови се без основа, веќе сме се измачувале себе си. Прашањето е зошто?

Следниот пат дајте си можност за сомневање. Така ќе се поштедите себе си од беспотребни грижи.

д-р Александар Марцикиќ

психијатар

– април 2006, “Дневник” —

Публикации

Не се дозволени коментари.