НАРУШУВАЊА ВО ИСХРАНАТА

Земањето на храна е контролирано од многу фактори, вклучително и апетитот, достапноста на храната, семејните навики, културата, обидите за доброволно контролирање на земањето на храна.

Диета до постигнување на телесна тежина која и не се препорачува за здравјето е промовирана од некои денешни трендови, особено во некои професии.

Нарушувањата во исхраната вклучуваат сериозни промени во навиките за исхрана, како прекумерна и нездрава редукција на земањето на храна или пак сериозно прејадување, како и чувство на дистрес или екстремна загриженост за телесниот изглед и телесната тежина. Истражувањата се насочени кон тоа зошто првобитно доброволно земање на помали количини на храна од вообичаените на некое ниво може да избегне од контрола и да доведе до нарушување во исхраната.

Главните облици на нарушување во исхраната се анорексија и булимија нервоза. Официјално се уште не е прифатен, но се споменува и трет тип на нарушување, а тој е карактеризиран со екстремно прејадување.

Најчесто нарушувањата во исхраната се јавуваат во адолесценцијата и кај млади возрасни лица, иако се сретнува и во детството и кај повозрасни.

Често нарушувањата во исхраната се јавуваат заедно со други психијатриски нарушувања како депресија, злоупотреба на одредени супстанции или анксиозни нарушувања. Од друга страна, лицата со нарушувања во исхраната често пати страдаат и од сериозни органски заболувања како срцеви нарушувања, нарушена функција на бубрезите и други заболувања кои можат да доведат и до фатален исход. Оттука произлегува и важноста на правовременото дијагностицирање и третирање на нарушувањата во исхраната.

Според статистичките податоци, овие нарушувања се почести кај женскиот пол.

АНОРЕКСИЈА

Ова нарушување како основни свои карактеристики ги има:

  • Отпор да се одржува телесната тежина на вредности кои се во границите на препорачаната според возраста и висината на индивидуата;

  • Интензивен страв од добивање на телесна тежина, односно страв од дебелеење, иако реално телесната тежина е под вредностите кои се нормални и препорачливи;

  • Нарушување на начинот на кој се доживува сопствената телесна тежина или телесен облик, прекумерно влијание на телесната тежина или облик на ценењето на самиот себе или одрекување на сериозноста на моменталната телесна тежина;

  • Нередовен менструален циклус или негово отсуство (за женскиот пол кој ја достигнал возраста на пубертет).

Иако се опасно тенки, лицата со ова нарушување се гледаат себе си како прекумерно дебели. Процесот на исхрана за нив станува опсесија. Тие развиваат невообичаени навики во исхраната, како избегнување на храна, пребирливост и јадење само на мали количини храна или грижливо премерување на сопствената телесна тежина и порциите на храна. Лицата со анорексија постојано ја мерат својата тежина, применуваат техники за нејзино намалување, како интензивно прекумерно вежбање, злоупотреба на лаксативи или диуретици. Текот и исходот на анорексијата варира. Некои комплетно се опоравуваат после единечна епизода, други пак имаат флуктуација на состојбата со периоди на зголемување на телесната тежина и со релапси, а кај други пак текот на нарушувањето е хроничен во повеќе години. Дури можна е и смрт поради срцев удар или електролитен дисбаланс или пак самоубиство.

БУЛИМИЈА

Симптоми на булимијата:

  • Повторувани епизоди на јадење на ексцесивни количини на храна и недостаток на контрола над јадењето за време на епизодата;

  • Повторувано, несоодветно, компулсивно однесување со цел да се превенира добивањето во телесна тежина, како самоиндуцирано повраќање, употреба на лаксативи, диуретици и други медикаменти, ексцесивно вежбање.

  • Прекумерното јадење и несоодветно компензаторно однесување се јавува најмалку два пати неделно во тек на најмалку три месеци;

  • Себеевалуација преку телесниот изглед и тежина.

Поради прочистувањето со лаксативи, повраќање и други методи кои ги користат овие лица, најчесто се со телесна тежина која е во нормални граници, во однос на нивната возраст и висина.

Но, како и лицата со анорексија, тие се плашат од добивање во тежина, имаат желба да загубат килограми и се чувствуваат интензивно незадоволни од своето тело. Овие лица често тајно се прејадуваат и превземаат мерки за прочистување, чувствувајќи срам од себе и своето однесување.

ПРЕЈАДУВАЊЕ

Симптоми на овој тип на нарушување се :

    • Повторувани епизоди на прејадување, односно конзумација на екстремни количини на храна и чувство на недостиг на контрола над јадењето;

    • Овие епизоди се асоцирани со најмалку три од следните карактеристики: јадење многу побрзо од претходно, јадење се додека не се почувствува преполнетост, јадење на големи количини на храна тогаш кога не се чувствува физички глад, јадење на само поради срам колку многу се изедува, чувство на одвратност кон себе, депресија и вина поради прејадувањето;

    • Забележлива вознемиреност поади своето однесување;

    • Епизодите се јавуваат најмалку два пати неделно, минимум 6 месеци наназад;

    • Прејадувањето не е проследено со несоодветно компензаторно однесување како кај булимијата.

За разлика од лицата со булимија, овие лица се со прекумерна телесна тежина.

ЛЕКУВАЊЕ НА НАРУШУВАЊАТА ВО ИСХРАНАТА

Нарушувањата во исхраната можат да бидат лекувани и излекувани. Колку порано се постави вистинската дијагноза и се започне со лекувањето толку е подобар постигнатиот успех.

Третманот на овие нарушувања е комплексен и се состои од три фази:

  1. во првата фаза се настојува да се нормализира телесната тежина;

  2. во втората фаза се третираат психичките нарушувања како несоодветното доживување на сопственото тело, ниското ниво на самопочит и интерперсоналните конфликти;

  3. постигнување и одржување на долготрајна ремисија.

Во мигот на поставување на дијагнозата неопходна е и проценка дали можеби е загрозен животот и во тој случај се препорачува хоспитализација на лицето.

Обично не се препорачува употреба на психотропни лекови кај лицата со телесна тежина под нормалата, се додека не се постигне телесна тежина во нормални граници.

Лицата со нарушувања во исхраната честопати не се доволно свесни и не прифаќаат дека го имаат нарушувањето, па затоа не се согласуваат на третман. Затоа е неопходна помош и подршка од околината, семејството, пријателите.

                                                                      д-р Александар Марцикиќ

                                                                                     психијатар

                                                                       — април 2006, “Дневник” —

Публикации

Не се дозволени коментари.