Анксиозност кај повозрасните

Секој од нас повремено доживува страв и анксиозност. Стравот е емоционален, психички и бихејвиорален одговор на јасно препознатлива надворешна закана (пр. при насилство, сообраќајна незгода и сл.). Анксиозноста е вознемиреност, непријатна состојба на нервозност и непријатност, чии предизвикувачи се помалку јасни и воочливи. Анксиозноста е помалку врзана за точното време на заканата. Може да се јави и пред да се случи заканата или пак кога заканата се случува во недефиниран облик. Анксиозноста е често придружена со физички промени и однесување слично на она предизвикано од страв.
Извесен степен на анксиозност е адаптивен и и помага на личноста да се подготви, вежба и да го подобри своето функционирање, и помага во тоа да се биде соодветно внимателна во потенцијално опасни ситуации. Но, над одредено ниво анксиозноста е маладаптивна, предизвикува несоодветно однесување и дисфункција. На тоа ниво анксиозноста може да биде сметана за симптом на нарушување.
Анксиозноста кај повозрасни лица може да биде дел од симптомите на широк спектар психички нарушувања. Анксиозноста може да биде и примарно нарушување во кое таа е предоминантен симптом.
Примарните анксиозни нарушувања се класифицираат како: генерализирано анксиозно нарушување, опсесивно – компулсивен синдром, панични напади, фобични нарушувања и стресни нарушувања (акутно стресно нарушување, посттрауматско стресно нарушување).
Манифестацијата на симптомите понекогаш се разликува кај повозрасните од оние кај помладите лица.

Причини:
Кај повозрасните лица психичките и менталните нарушувања, како и несоодветната употреба на лекови, се најчестата причина за анксиозност и на неа слични симптоми кои лесно биваат заменети со анксиозно нарушување.
Сенилноста е често причина за анксиозност кај постари лица. Раните знаци на сенилноста вклучуваат и губиток на меморијата. Кај социјално активни лица чувството дека слабо помнат предизвикува анксиозност и социјално повлекување. Анксиозноста може да предизвика и силни промени во однесувањето, кои можат да ја маскираат сенилноста која лежи во позадина.
Депресијата често предизвикува симптоми на анксиозност.
Причините за примарните анксиозни нарушувања не се во потоплност познати. Многу луѓе развиваат анксиозност и без видливи дефинирани причини.
Акутниот стрес и посттраумаското стресно нарушување се најлесни за да се навлезе во трагата на специфичен настан. Повеќето случаи со вакви нарушувања се предизвикани од незгоди, сексуални напади и сл.

Симптоми:
Тежината на анксиозноста варира од oдвај забележливи тегоби до напади на паника. Анксиозноста може и ненадејно да нарасне во паника или постепено, во тек на повеќе минути, часови, денови, да го зголемува својот интензитет.
Траењето на анксиозноста може да биде од неколку минути до повеќе години. Подолгото траење е карактеристика на примарно анксиозно нарушување. Но, најтешките панични напади обично траат краток период.
Способноста за толеранција на одредено ниво на анксиозност обично варира од едно до друго лице.
Примарното анксиозно нарушување може да биде вознемирувачко и може да биде следено со различен степен на депресија. Од друга страна, анксиозното нарушување и депресијата може да коегзистираат, но исто така е можно симптомите на депресија први да се развијат, а подоцна да се јават симптомите на анксиозност.

Дијагнозата на специфичните анксиозни нарушувања се базира на карактеристичните симптоми и знаци. Семејната историја за постоење на анксиозно нарушување кај блиски роднини, исто така, може да укаже на предиспозиција кон истиот тип на нарушување или пак на генерализирано анксиозно нарушување. Но, освен предиспозицијата, во предвид мора да се земе и можноста во овие случаи да се работи за стекнато нарушување преку научено однесување од роднините.

д-р Александар Марцикиќ
психијатар

– март 2006, “Дневник” –

Публикации

Не се дозволени коментари.