Кофеин,стрес и здравје

Кофеинот е супстанца која денес е мошне популарна и широко користена. Го има во кафето, некои други пијалоци и во мали количини во чоколадата. Постојат недоумици во однос на корисноста и штетноста од неговата употреба.

Кои се ефектите на кофеинот?
Кофеинот делува на хормоните. Ефектот започнува неколку минути после неговото внесување во организмот. Самиот кофеин останува во крвта повеќе часови. Додека е во организмот кофеинот ги има следните ефекти:
-Кофеинот ја инхибира апсорпцијата на аденозинот и со тоа го смирува телото, помагајќи за кратко време да се чувствуваме свежи, но од друга страна може да предизвика проблеми со спиењето.
-Кофеинот придонесува за навлегување на адреналин во крвта, со тоа давајќи привремено подобрување, но потоа е можна малаксаност и депресија. При повторени земања на кофеин за да се надминат овие ефекти и да се има свежина во текот на денот, можна е појава на вознемиреност на крајот на денот и немир и напнатост навечер.
-Кофеинот го зголемува нивото на кортизол во крвта. Кортизолот пак е познат како стрес хормон. Долготрајна прекумерна кортизолска активност може да доведе до проблеми со телесната тежина, срцево заболување или дијабет.
- Кофеинот го зголемува нивото на допамин, а тој пак е со сличен ефект како и амфетамините. Може да направи да се чувствувате добро, расположено после неговото земање, но подоцна пак може да се почувствувате како да сте “приземјени”. Тоа може да доведе и до психичка зависност од кофеин, за да повторно се почувствува неговиот ефект.

Сумирано кофеинот има свои позитивни но и свои негативни ефекти.

Така:
-Кофеинот делува на спиењето. Тој не’ одржува подолго време будни, но од друга страна страда сонот и следниот ден се чувствуваме заморени, ненаспани.
Сепак, кофеинот не го нарушува сонот на начин како што тоа го прават амфетамините и другите стимуланси и е подобар избор од нив во случаите кога имаме потреба да останеме будни и свежи.

-Кофеинот влијае на телесната тежина. Зголеменото ниво на кортизол доведува до зголемена потреба за масти и јаглени хидрати, а доведува и до таложење на масти во пределот на стомакот. (Овој тип на дебелина носи и поголем ризик по здравјето во однос на другите типови на дебелина.)
Но, сепак има и добра вест. Имено кофеинот може да го забрза метаболизмот и може да му помогне на телото побрзо да ги согорува мастите. Но, ова важи само доколку се комбинира со вежбање. Дополнително, кофеинот го зголемува и нивото на шеќер во крвта, а со тоа не’ прави и помалку гладни.

-Бидејќи кофеинот го зголемува нивото на кортизол и други хормони привремено предизвикувајќи чувство на свежина, откако ќе исчезне неговиот ефект, телото чувствува малаксаност, а може да се јави и поблага депресија.
Но, позитивна страна на кофеинот е дека тој може да ги подобри физичките перфоманси и издржливост, доколку не се употребува прекумерно. Овој ефект во комбинација со подоброто согорување на мастите за време на вежбањето може да обезбеди постигнување на подобра форма.

-Бидејќи и кофеинот и стресот го зголемуваат нивото на кортизол во крвта, високи дози на кофеин (или стрес) доведуваат до негативни ефекти по здравјето врзани за долготрајно зголеменото ниво на кортизол. При употреба на големи количини на кофеин, може да почувствуваме како прво ни се зголемува расположението, а потоа се намалува, со појава на потреба за повеќе кофеин за повторно зголемување на расположението, се нарушува сонот, се јавуваат последици по здравјето и секако ќе почувствуваме повеќе стрес.
Сепак, мали до умерени количини на кофеин може да го зголемат нашето расположение и да ни дадат свежина.

Во заклучокот, кофеинот со сите свои негативни и позитивни последици, може да биде наш пријател, но само при употреба во контролирани дози. Она што треба да се запамети е :

  • Не земајте го прекумерно;
  • Не го конзумирајте после 14 часот (кофеинот останува околу 8 часа во крвта и може да ви причини проблеми со сонот).;
  • Добро е кофеинот да се конзумира пред физичка активност, бидејќи така најдобро ќе ги искористиме неговите добри страни.

д-р Александар Марцикиќ
психијатар

– март 2006, “Дневник” –

Публикации

Не се дозволени коментари.